Зидан му се јавил на Мбапе: Дојде во Реал за да станеш суперѕвезда

Флорентино Перез се обидува да го убеди Кристијано Роналдо да остане во Реал Мадрид, а во меѓувреме тренерот Зинедин Зидан се вклучил во процесот на убедување на Килијан Мбапе за француското „чудо од дете“ да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“. Мбапе не ја крие желбата да дојде во Реал, но кај младиот голгетер постои сомнеж дали тоа да го стори летово, пред се поради стравувањето дека голем дел од времето ќе го минува на клупата на најтрофејниот европски клуб.

Влијателниот француски весник „Л’Екип“ открива дека Мбапе во последните денови неколку пати разговарал телефонски со Зидан, при што тренерот на Реал потенцирал две работи, првата – дека младиот Килијан ќе добие голема минутажа за веднаш да ги покаже своите квалитети, и втората – дека само со трансфер во Реал Мадрид тој може да го добие статусот на мегаѕвезда што го заслужува.

Како опција се споменуваше Реал да го купи Мбапе, па да го остави на едногодишна позајмица во Монако, но по овие разговори е јасно дека Зидан би сакал веднаш да го види својот сонародник во Мадрид. Англиските медиуми тврдат дека „кнезовите“ експресно одбиле 100 милиони евра од Ливерпул за Мбапе, па јасно е дека Реал ќе треба да плати над 120 милиони за одличниот голгетер, сума со која француското чудо од дете ќе стане и најскап фудбалер на светот.

Се вчитува...