Зидан победи: Реал ја почна „Операцијата Погба“

Реал Мадрид ги откажа преговорите со Тотенхем за ангажман на Кристијан Ериксен откако Зинедин Зидан успеа да го убеди Флорентино Перез да не испраќа понуда за данскиот ас, туку погледите за засилување на средниот ред на Реал да ги насочи кон Манчестер. Пол Погба е големата желба на Зидан, што Перез се согласил да му ја исполни, па веќе ја стартувал и „операцијата“ за ангажман на францускиот плејмејкер.

Погба уште пред неколку месеци го почна „флертот“ со „кралевите“, на кој со иста мера одговори и самиот Зидан. И двајцата Французи не ја кријат желбата за меѓусебна соработка, но најтешкиот дел од задачата дефинитивно ќе биде да се убеди Манчестер Јунајтед на „дил“ за својот најскап фудбалер. „Ѓаволите“ не се заинтересирани за продажба на Погба, кој е проценет на 150 милиони евра.

Сепак, адут на „кралевите“ во преговорите е Герет Бејл, кој ќе биде вклучен во понудата до Манчестер Јунајтед, а не се исклучува можноста во неа да биде и Иско, уште еден фудбалер за кого „ѓаволите“ покажаа интерес во текот на изминатата сезона.

Реал Мадрид досега ангажираше три засилувања за летниот преоден рок, Милитао од Порто, Јовиќ од Ајнтрахт и Еден Азар од редовите на Челси. Се очекува во следните 48 часа да биде официјализиран и ангажманот на левиот бек на Лион, Ферлан Менди.

Се вчитува...