Зидан: Загубивме два важни бода, но и понатаму сме лидери

Реал Мадрид ремизираше (2-2) против Селта на „Сантијаго Бернабеу“ и загуби два бода во трката за шампионската титула со Барселона. Сега „кралевите“ имаат само еден бод предност на врвот на табелата во однос на главниот конкурент.

Селта имаше водство во Мадрид по првото полувреме, „кралевите“ успеаја да направат пресврт, но Санти Мина постигна гол во 85.минута за израмнување. Тренерот Зинедин Зидан вели дека асистенцијата на Денис Суарез за Санти Мина била фантастична.

„Загубивме два важни бода. Но, таков е фудбалот. Можеби и не го заслуживме тоа со оглед на напорите што го вложија фудбалерите да направат пресврт. Можеме да зборуваме и за пропусти во одбраната, но повеќе мислам дека тоа беше фантастична асистенција на Денис Суарез. Во фудбалот никогаш ништо не е сигурно, ќе продолжиме да работиме напорно и се уште сме на првото место. Среќен сум поради враќањето на Еден Азар кој одигра 70 минути, задоволен сум од изданието на Герет Бејл и не мислам дека Марсело е нашата слаба точка во одбраната“, изјави Зинедин Зидан.

Се вчитува...