Зидан знае зошто Роналдо е во Скопје: Не залудно го носевме до Македонија

Без сомнение најинтересната тема и за медиумите и за јавноста пред утрешниот УЕФА Суперкуп во Скопје која е поврзана со Реал Мадрид, е настапот на Кристијано Роналдо на „Телеком Арената“ против Манчестер јунајтед…

Па, очекувано, и стратегот на „кралевите“ Зинедин Зидан на прес-конференцијата пред натпреварот нагласи дека не залудно Роналдо го носеле до Македонија.

„Да, секако Роналдо има премалку тренинзи со нас пред овој натпревар, но може да кажам дека е подготвен да игра. Јасно е дека не залудно го носиме во Македонија. Штом дошол тука со нас, значи дека е подготвен да игра, а дали ќе настапи од првата минута ќе видиме утре. Најважно во овој момент е дека е тука со нас, а тоа е огромно значење за тимот“ – истакна Зидан, за кого не беше изоставено и прашањето околу Герет Бејл.

Жозе Мурињо претходно нагласи дека доколку Бејл не се најде во првиот тим утре, тогаш ќе има шанси да се надева дека може да го „украде“ и да се пресели во Манчестер јунајтед.

„Бејл е фудбалер на Реал Мадрид и ништо друго не ме интересира. Дали ќе игра зависи само од стручниот штаб и нашите размислувања околу тоа дали ќе биде потребен за тимот“ – рече Зидан, дополнувајќи дека неговиот тим ќе игра единствено на свој начин утре со желба за победа.

„Ние имаме фудбалери кои не се заморени од победување и се гладни за успеси. Огромен мотив носат и да стигнат до трофејот во Суперкупот. Ќе играме наша игра со отворена желба за победа. Тоа е нашата цел по која дојдовме во Скопје“.

Се вчитува...