Зивчевиќ: Покажавме квалитет и карактер, ги искористивме слабостите на Гостивар

Куманово оствари одличен резултат откако во рамките од седмото коло го совлада составот на Гостивар, нанесувајќи им го на гостиварци првиот овосезонски пораз. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека избраниците на тренерот Мирковски цел натпревар го контролираа резултатот, на крајот стигнувајќи до двоцифрена победа од 82-70.

Кумановци имаа скор од една победа и пет порази, но со одличното издание на вчерашниот натпревар најавија подобри денови за оваа екипа.

„Мора да бидеме задоволни бидејќи одигравме одличен меч. Покажавме и квалитет и карактер, знаевме како да ги искористиме слабостите во играта на противникот што ги забележавме и кои ни беа потенцирани од стручниот штаб со добриот скаутинг. Ова е само доказ за потенцијалот на нашиот тим и верувам дека оваа победа ќе ни даде крилја за уште подобри изданија во периодот што следи“, изјави Ненад Зивчевиќ.

Една од причините за слабиот старт на сезоната дефинитивно е и големата финансиска криза во КК Куманово, за која има најава дека наскоро конечно ќе биде разрешена.

„Можам да кажам дека е среќна околност што во тимот сме пред се добри како луѓе, кои не потпаѓаат под притисоци и покажуваат сила и во тешките моменти. Имаше бројни шпекулации, но ние остануваме фокусирани на она што ни е работа. Покажавме големо трпение, никој не знае до кога и искрено се надевам дека наскоро ќе биде најдено решение за да можеме целосно да се посветиме само на нашите изданија на тренинзите и на натпреварите“, вели Зивчевиќ.

Се вчитува...