Зизис си оди од Хувентуд, Димитријевиќ станува стартер

Ненад Димитријевиќ би требало да биде прв плејмејкер на Хувентуд во вториот дел од сезонава откако Никос Зизис побарал да му биде дозволено да го напушти шпанскиот клуб во најскоро време. Грчкиот ветеран веќе објави дека оваа сезона ќе биде последна во неговата фантастична кариера, поради што сака збогувањето да го има во дресот на АЕК, каде ја почна професионалната кариера на 17-годишна возраст.

Тој веќе поднел барање за раскин на договорот што Хувентуд ќе го прифати, со оглед на фактот дека тимот не обезбеди учество на завршниот турнир од Копа дел реј. Иако шпанскиот прволигаш се уште е дел од Еврокупот, желбата на Зизис како врвен професионалец ќе биде исполнета, за да му се овозможи крај на кариерата каков што тој посакува.

Шпанските медиуми најавуваат дека клубот од Бадалона нема намера во скоро време да ангажира нов плејмејкер, туку таа улога ќе му ја додели на Димитријевиќ. Младиот Македонец одлично ја користеше минутажата како прва резерва на Зизис, а сега ќе добие уште позначајна улога во екипата како можност за докажување во најсилната лига во Европа.

Се вчитува...