Златан е подготвен да оди во пензија, но сака тоа да го направи со стил…

Златан Ибрахимовиќ сериозно ја разгледува опцијата летово да каже крај на активното играње фудбал, со што извонредниот голгетер би ставил крај на неверојатната кариера што ја имаше во изминатите дваесетина години.

Весникот „Газета дело спорт“ тврди дека Ибрахимовиќ нема да потпише нов договор со Милан до крајот на оваа сезона, чекајќи го исходот од трката по скудетото. Според извори блиски до Швеѓанецот, тој сака да се збогува со фудбалот со стил, а не гледа подобар начин од тоа да се повлече како шампион на Италија со Милан. Доколку „росонерите“ ја задржат предноста пред ривалите и станат шампиони на Калчо-лигата, Златан ќе објави крај на кариерата.

Доколку пак тоа не се случи, огромни се шансите Ибракадабра да го гледаме уште една сезона во дресот на Милан, со оглед на фактот дека 40-годишниот ветеран има отворена понуда од „росонерите“ да остане на „Сан Сиро“.

Милан во меѓувреме продолжува да го составува тимот за наредната сезона, веќе е договорено доаѓањето на Ботман од Лил, а во завршна фаза се преговорите за слободниот трансфер на Дивок Ориги од Ливерпул.

Се вчитува...