Златан: Му реков на Пиоли дека си одам, но тогаш…

Милан игра феноменално сезонава предводен од Златан Ибрахимовиќ, но ситуацијата ќе беше многу поинаква доколку шведскиот ас во последен момент не го променеше својот став – на крајот од ланската сезона да замине во пензија. Во договорот со Милан имаше клаузула шестмесечната соработка да биде продолжена за уште една година, но Златан пред крајот на ланската сезона не сакал ни да чуе за такво нешто, решен да ја заврши кариерата.

„На крајот од сезоната тренерот Пиоли ме праша какви ми се плановите. Веднаш му одговорив дека нема да продолжам. Му реков дека ќе си заминам бидејќи знаев колку жртвувам за семејството, кое остана во Шведска. Сакав да се вратам дома, во главата веќе ја имав донесено таа одлука. Тренерот ми рече дека ја почитува мојата одлука“, открива Ибрахимовиќ во разговор за „Скај Спорт“.

Сепак, ситуацијата се променила за помалку од 24 часа, по новиот разговор меѓу тренерот и најголемата ѕвезда на клубот.

„Ми рече дека прелесно ме пуштил, дека не може да остане само на мојата одлука и тој треба да каже нешто во врска со тоа. Ми рече дека тимот без мене ќе биде сосема поинаков. Во прв момент му реков дека одам во пензија, да не се обидува да ме убеди со пари бидејќи тоа не ми е важно во моментов. Ја спуштив слушалката решен да останам на своето, но потоа нешто се промени – не сакав подоцна во животот да ми биде жал. Бев на одмор, но почнав да раазмислувам колку фасцинантен предизвик би бил тоа за мене. Не сакав тукутака да заминам во пензија. Му се јавив на агентот Мино Раиола и му реков да договори продолжување на соработката, така потпишав нов договор“, истакнува Златан Ибрахимовиќ.

Тоа дефинитивно беше правилен потег, Швеѓанецот со десет гола е прв стрелец во Калчо-лигата, а Милан најмногу благодарение на неговите лидерски способности моментно е првопласиран на табелата.

Се вчитува...