Американец во „Градски парк“: Гинјард потпиша за Работнички

Најавите на раководството на Работнички за составување на сериозен тим за атак на највисок пласман се повеќе се остваруваат откако „црвено-белите“ ангажираа уште едно квалитетно засилување. По доведувањето на бугарскиот репрезентативец Чавдар Костов, од денеска нов член на тимот од „Градски парк“ е и Американецот Маркус Гинјард.

Станува збор за искусен 30-годишен кошаркар кој лани настапуваше во полскиот шампионат како член на Чарни Слупск. Гинјард е висок 196 сантиметри и настапува на крилната позиција, а во Работнички на него гледаат како на наследник на Диме Тасовски, кој го напушти овој клуб и потпиша за Гостивар.

Марин Докузовски веќе ги стартуваше подготовките за новата сезона, на кои Американецот ќе им се приклучи во најскоро време на новите соиграчи. Работнички во однос на лани ги задржа искусните Димитар Мираковски и Ѓорѓи Чековски, во клубот останаа и Виктор Ефремовски и Предраг Николиќ, а потпишан беше и македонскиот репрезентативец Бојан Крстевски.

Се вчитува...