ДРИБЛИНГ: „Еден шут – два гола, дузина директори – ниту ко за пола...“ - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
19/11/2017 21:29
Кошарка
19/11/2017 20:35
Фудбал
19/11/2017 19:59
Фудбал
19/11/2017 19:09

ДРИБЛИНГ: „Еден шут – два гола, дузина директори – ниту ко за пола…“

Владимир Булатовиќ

Да си бидеме реални. Тоа што му се случува на Вардар во првиот историски настап во Лигата на Европа е само ‘реплика’ на приказната: „Еден шут – два гола…“ која, пак, му се случи на оној дуел против Фенербахче во квалификациите за ЛЕ… А, сите ние замижавме пред таа приказна или ја релативизиравме затоа што, нели, всушност: „резултатот е најважен…“, „среќата мора да ги прати храбрите…“ а „статистиката и не е таа која се памети…“. И точно, статистиката не се памети. Само што е главно егзактна наука која ви ја кажува вистината која некогаш не сакате да ја слушнете… А среќата ги прати храбрите, само не во секоја битка, било животна или спортска! Што ќе рече, никој ниту во животот ниту во спортот може да остави до бескрај на случајноста.

И, да бидам искрен, ништо страшно и од изгледот на овој очаен Вардар… Оние што добро следат фудбал и не се нешто драматично изненадени, посебно поради приказната „еден шут – два гола“ која го навестуваше сето ова.  Иако, сите ја очекувавме барем онаа „крв во играта“ која ја демонстрираа летото низ квалификациите. Да си бидеме реални, овие вардарови фудбалери со самиот пласман во Лигата на Европа (Случајно, или не!? На крајот и неважно) испишаа историја за македонскиот фудбал кога никој од нив тоа не го очекуваше. И со тоа си собраа повеќе од доволно кредити за овие групни порази. Иако, повторно, сите ние од нив очекувавме многу пожестоко „гинење“ за дресот кој го носат!

Затоа фудбалерите на страна…, посебно во ситуација кога посебно оние добро упатените и тоа како знаат дека оној успех од август е само на нив. Мене многу повеќе ме интересира анализата што клубот и неговото раководство, со сета онаа дузина директори, направија за да им го олеснат првото историско учество во групната фаза од едно европско натпреварување!? Што направија за да им помогнат за барем да имаат шанса да го избегнат срамот од убедливи порази во европското друштво?

  • Продажба на дотогаш првотимците во тимот, Стефан Спировски, Дамир Којашевиќ и Бразилецот Балотели…
  • На нивно место, ангажман на сега веќе очигледно потпросечни фудбалери и за македонско првенство, а не пак да ви направат разлика во Европа, како Марковиќ и Итало.
  • Демонстрација на тотален аматеризам околу ангажманот на Максимов, кој е загубен за европската сцена.
  • Промашена ПР стратегија за мобилизација на поддршка од трибините. (Затоа што во модерниот европски фудбал, а 21.век, само малку клубови оставаат бајките од типот „љубовта кон клубот ве води“ да ви ги полнат трибините!)
  • Постојано иритирање на навивачкото ткиво со лутање околу определбата на цената на билетите, и нивната продажба и бесплатна распределба потоа…

Епа, ако ова е помошта и наградата за вардаровите фудбалери за нивниот пласман во групите од ЛЕ, од раководството и неговите дузина директори, кои објективно не вршат работа ниту ко за пола… Тогаш, ете она синоќа е сликата на Вардар во Европа!

ФК Вардар

А, на страна случувањата уште пред плеј-оф квалификациското коло со Фенербахче кога, место мобилизација, со „распродажбата на Јужна“ и сета пропратна „циркузијада“, со драматичната најава за заминување на сопственици па промена на тренери, само се отргна фокусот од играта…, и дополнителен товар им се „тури“ на играчите. Само што за среќа, тогаш фудбалерите на терен некако извадија!

Народот е секогаш во право, дури и кога греши!

Сергеј Самсоненко, по онаа срамна посета на првиот историски натпревар на Вардар во ЛЕ против Зенит на „Филип Втори“, на прес-конференција призна дека клубот имал лоша ПР кампања која ќе биде поправена за следниот натпревар со Реал Сосиедад. И бидна дуелот со Сосиедад, со „генијална“ идеја да се делат, кај ќе се стигне, бесплатни билети за Јужна.

Па Јужна, да бидеме искрени, се наполна… Само што сето тоа даде гола потврда за несреќниот избор на цената на билетите. Па, не било дека „кој го сакал Вардар секако ќе дојде…“, туку „кој финансиски можел и ќе дојде…!“. Всушност, тажната слика од Јужната трибина на дуелот со Зенит, и онаа очигледна празнина кај најскапите места, повеќе од доволно потврдува дека за нас реалноста е дека и 300 денари е разлика… Затоа што, за оние кои и тогаш секако сакале да дојдат, крајните блокови и 900 денари бил изборот, за „само“ 300 денари помалку од центарот!

Juzna 3

Па, сега Самсоненко и дузината директори и тоа како имаат можност да размислат за во иднина… Ако е чисто до желбата за заработка… Со проста математика: Ако сега продаваат околу 12.000 билети по просечна цена од околу 15 евра (600, 900 и 1.200 денари), дали има разлика за 30.000 билети по просечна цена од 5 евра (200, 300 и 400 денари). Математиката кажува колкава е разликата, и дали за неа вреди да се расипува сликата! Затоа што Вардар во минатото имал и далеку понеатрактивни европски, и противници и натпревари, па имал 30.000 против БАТЕ Борисов во квалификации. По цена од 100 денари!

И да… Како што многумина, за кои цена на билети не била клучен фактор, по дуелот со Зенит веднаш ‘народот’ како главен виновник за празните трибини го оквалификуваа, и за мене е до некаде активно чувството дека ‘народот’ ни греши со тоталната незаинтересираност за посета на фудбалските арени во главниот град… И не само на европските, туку и на домашните натпревари! Ама, нов народ не можеме да увеземе. Па, во тој случај, изгледа оние кои ни го водат клубот и спортот ќе треба некако да се прилагодат. Затоа што, на крајот на краиштата: Народот е секогаш во право, дури и кога греши!

П.С… Да не се изуми. Кога веќе постојано го нагласуваме пласманот на Вардар во Лигата на Европа како историја, чесно и одважно е, без разлика кој колку и зошто го сака или не во црвено-црните редови, да се признае дека еден од најзаслужните за тоа е Гоце Седлоски, кој го кроеше и водеше овој тим. Затоа што, реално, ниту Чеде Јаневски ниту „ревардаризацијата“ за еден ден пред дуелите со Фенербахче не направија сами од себе чудо! Чисто онака…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.