Интер не потклекна и во Торино во „Дербито на Италија“

Интер и понатаму е единствениот непоразен тим во Серија А, откако ремизираше без голови во „Дербито на Италија“ против Јувентус во Торино. Со тоа „нероаѕурите“ ја задржија првата позиција на табелата со 40 бода, два повеќе од Наполи и од Јувентус. „Старата дама“ беше подобар тим на ова дерби, но не го пронајде патот до мрежата на Хандановиќ.

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, го почна натпреварот без Пауло Дибала во првиот состав, со Гонзало Игуаин и Марио Манџукиќ како тандем во навалната линија. Аргентинецот доби шанса во завршницата, но не успеа да стори ништо позначајно.

Во првиот дел, во главна улога беше Марио Манџукиќ. Хрватот влезе во одлична шанса, но Самир Хандановиќ успеа да го одбрани неговиот удар и да го спаси голот. Пред одморот, Интер имаше и многу среќа затоа што Манџукиќ ја погоди гредата од голот на „нероаѕурите“.

Хандановиќ беше одличен и во второто полувреме, му скина уште еден „зицер“ на Манџукиќ, а потоа на извонреден начин го спаси и ударот на Асамоа. Бенатија играше со рака во шеснаесетникот по шутот на Икарди, но Интер не доби пенал, а Брозовиќ и Перишиќ се заканија кон голот на „старата дама“.

На крајот, дерби заврши без голови, и со поделба на бодовите, што најмногу му одговара на Наполи. Утре „наполитанците“ ја пречекуваат Фиорентина на домашен терен.

Се вчитува...