„РАСПАД СИСТЕМ“ ВО ПЕЛИСТЕР: Акционерите се повлекуваат, фудбалерите се спасуваат!

Кратко траеше амбициозниот проект наречен „ФК Пелистер – гордост на Битола“ воден од компаниите ЗК Пелагонија, Орка Холдинг, Пелистерка и Жито Битола како главни акционери на битолскиот прволигаш. По едвај само една година раководење на овие компании со битолскиот клуб, уште еднаш ново „распаѓање“ за ФК Пелистер. Добро позната приказна кога е во прашање една од најголемите икони на македонскиот фудбал.

Со крајот на есенскиот дел од сезоната 2017/2018 крајно неизвесна е судбината на фудбалерите на Пелистер кои и покрај силните финансиски проблеми изминативе месеци чесно си ја одработија полусезоната, оставени сами на себе без никаков „абер“ и поддршка од актуелните раководители. Есентта одработена, пролетта неизвесна.

Веќе е сосема извесно повлекувањето на акционерите ЗК Пелагонија, Орка Холдинг, Пелистерка и Жито Битола (сопственици на 75% од акциите во клубот), кои според информациите наводно веќе доставиле и допис до Општина Битола (сопственик на 25% од акциите) за планираното повлекување од клубот. А, пред само една година од претседателот Цветан Панделески и претставникот на Бордот на директори на клубот, Орце Камчев беше најавен проект со кој ќе се гордее цела Битола.

„Задоволство ми е што сум дел од клуб со огромна традиција и што започнуваме еден проект со кој верувам дека Битола ќе се гордее. Напоредно со сениорската екипа ќе работиме и на прогрес со младите категории кои сметам дека ќе бидат столб на клубот“ – изјави во септември минатата година, тогаш новоизбраниот претседател на Пелистер, Цветан Панделески.

SAMSUNG DIGITAL CAMERA

Но, вeќе во септември 2017 година ништо од сето тоа… Финансиските проблеми во клубот се почуствуваа уште на почетокот од оваа сезона, кога и самите фудбалери преку „мини-бојкот“ на натпревари и нетренирање се обидуваа да се изборат за своите права. А, уште во мај оваа година беа насетени проблемите во клубот, кога Орце Камчев на прес-конференција во името на бордот на директори и акционери на клубот, информираше за проблем наследен од претходните сопственици.

„Наследивме проблеми и финансиски долгови од поранешниот акционер кој сите инвестиции во клубот ги водел како позајмици, а ние не сме должни тие пари да ги платиме. Го повикувам градоначалникот, советниците и навивачите да направат максимум да го решат овој голем проблем, бидејќи во спротивно ние ќе се повлечеме од клубот. Нашиот буџет за сезоната 2017/18 е скоро милион евра, а доколку треба да ги платиме и туѓите долгови на нашите претходници, тој драстично ќе се намали и успехот ќе биде доведен во прашање“ – истакна Камчев во мај оваа година.

Информациите за наводни заостанати долгови ги демантираше претходниот сопственик „Цермат“, но како и да е, веќе на крајот од есенскиот дел од сезоната 2017/2018 се остварува повлекувањето на актуелните акционери од клубот.

СЕРИЈА „БЕГСТВА“ ОД КЛУБОТ: Илијоски, Лукас и Јовановски заминаа, на ред се Попзлатанов, Пеев, Тошевски, Драгарски…

Според нашите информации фудбалери на Пелистер плата не виделе од месец јули, па поради финансиските проблеми први кои ги напуштија „зелените“ уште во текот на есенскиот дел од шампионатот се голманот Марко Јовановски и офанзивецот Баже Илијоски. Од клубот замина и Бразилецот Лукас Фереира за кого има интерес од неколку домашни прволигаши, ни и клубови од соседството.

Веќе има најава за заминување и на репрезентативците Јован Попзлатанов и Кристијан Тошевски,  како и за Оливер Пеев, Матеј Цветаноски, Филип Петров и  Христијан Драгарски! Не е никаква тајна дека добар дел од македонските прволигаши ќе ја искористат ситуацијата во Пелистер, за ангажман на „разочараните пелистерци“, кои како што велат нив не ги интересира за „односите“ меѓу поранешни и актуелни акционери… Единствено што знаат е дека некој не го испочитувал ветеното и најавеното за еден нов „европски Пелистер“!

Се вчитува...