Седлоски: Си заминав од Вардар поради несогласување со менаџментот!

Поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски дури сега откако по шест месеци реализира за себе нов тренерски ангажман во летонскиот прволигаш Рига, за тамошните медиуми соопштува зошто во август ги напуштил црвено-црните редови.

Во своето соопштение до јавноста по оставката во август Седлоски информираше дека се повлекува од клупата на ФК Вардар затоа што „не е навикнат на порази, а оние два од Копенхаген и Шкендија многу го погодиле. А, и Вардар не бил навикнат на порази“.

За поголемиот дел од фудбалската јавност сето тоа беше само „смешна приказна за мали деца“, но Седлоски пред домашната јавност никогаш не излезе отворено со свој став за причините за повлекување. Затоа пак, сега за летонскиот „Спортaцентарс“ открива дека заминувањето е поради несогласување со менаџментот на клубот…

„Го напуштив Вардар затоа што имав несогласувања со менаџментот на клубот. Тие донесоа фудбалери кои не ни беа потребни. И затоа се одлучив да ја раскинеме соработката“ – вели Седлоски и дополнува:

„Потоа имав понуда за преземање и на некои други клубови од Македонија, но веќе се одлучив да ја продолжам тренерската кариера во странство. Ја прифатив потоа понудата од Рига кој е еден од најдобрите клубови во Летонија. Кога првпат ме повикаа гледав четири натпревари на Рига и потоа донесов одлука да ја прифатам понудата“.

На Седлоски во ФК Рига, како и во Вардар, ќе му асистира Александар Влахо.

Се вчитува...