Стоосумдесет тркачи на стартот на првото издание на „Каменица Треилс“

На 10 октомври Македонска Каменица ќе биде домаќин на првото издание на „Каменица Треилс“, нова треил трка која ги поврзува градот, Калиманското Езеро и Осоговските планини.

Интересот за првото издание е голем – пријавени се вкупно 180 тркачи. Трката е организирана во две категории: „Сива Кобила Треил“, долга 33 километри со 1.800 метри висинска разлика, и „Буов Треил“, долга 15 километри со 700 метри искачување. Двете патеки стартуваат и завршуваат во Македонска Каменица. Дополнително ќе има организирано и детска трка која ќе биде од ревијален карактер.

„Каменица Треилс“ е создаден со идеја преку планинското трчање да се промовираат природните убавини и туристичкиот потенцијал на овој дел од Источна Македонија. Трките тргнуваат од “Паркот на Рударите” во Каменица и набрзо се искачуваат кон планината, низ шумски предели и отворени планински пространства, со панорамски погледи кон Калиманското Езеро и Осоговските планини.

Првото издание на „Каменица Треилс“ ќе биде можност за тркачите да запознаат нова планинска дестинација, но и почеток на една нова спортска приказна во Македонска Каменица.

На 10 октомври, Каменица трча кон планината.

 

Агенда на настанот

Петок, 09 октомври

17:00 – 21:00 | Дом на Културата – Каменица
Подигнување на стартни пакети и можност за запознавање со организацијата и информациите за трката.

Сабота, 10 октомври

07:00 – 08:45 | Дом на Културата – Каменица
Подигнување на преостанатите стартни пакети.

09:00 | Парк на Рудари
🏃 Старт на Буов Треил 15К и Сива Кобила Треил 33К

09:45 – 10:00 | Парк на Рудари
👧 Детска трка

10:30 | Парк на Рудари
🏁 Очекуван прв финишер на Буов Треил 15К

12:40 | Парк на Рудари
🏁 Очекуван прв финишер на Сива Кобила Треил 33К

14:00 | Парк на Рудари
🎵 Музички настап – Grooveitup

15:00 | Парк на Рудари
🏆 Прогласување на победниците и доделување на наградите

15:30 – 16:00 | Парк на Рудари
🎵 Музички настап – Grooveitup

17:00 | Парк на Рудари
Крај на настанот.

Се вчитува...