Лабовиќ: Подготвени сме да одговориме на предизвикот… Ѓуровски: Постепено напредуваме, сметам дека сме подготвени

Крилото на Карпош Соколи, Стојан Ѓуровски е задоволен од досегашните подготовки на кои фокусот беше за оваа средба. Како што одминува времето, тимот се повеќе има разбирање меѓусебе, но знае дека утре ги чека тежок предизвик против естонскиот шампион Калев.

„Ние сме кратко време заедно во овој тим, но морам да кажам дека сум задоволен од овие тринеделни подготовки. Хемијата постепено расте, со секој тренинг се повеќе се разбираме меѓусебе, па мислам дека сме добро подготвени. Знаеме дека нема да биде лесно, бидејќи Калев е доста квалитетен состав, но ќе дадеме се од себе да обезбедиме триумф“, вели Ѓуровски.

Центарот на Карпош соколи, Драган Лабовиќ вели дека иако три недели не се доволни за подготвување за вакви важни средби, неговите соиграчи се подготвени да одговорат на предизвикот.

„Сигурно дека не е дововолно да подготвуваме помалку од месец дена за ваков дуел, но како што е за нас, така е за нив. Имаме предност на домашен терен, тоа мора да искористиме. Ги повикувам сите навивачи на нашата екипа, утре да дојдат во „Борис Трајковски“ и да ја дадат поддршката за овој клуб, бидејќи ќе ни треба, а ние ќе се обидеме да им вратиме со победа. Калев е квалитетен тим, знаеме дека ќе биде тешко против нив, но ние сме подготвени да одговориме на предизвикот“, истакна Лабовиќ.

Се вчитува...