Еден од најголемите спортисти во историјата, легендарниот Ф1 возач Михаел Шумахер шест години е во кома откако на крајот од 2013 година се повреди на скијање на француските Алпи.
Во септември минатата година тајно беше примен и во болница во Париз каде беше подложен на хируршка интервенција на матичните ќелии, но ниту по таа операција нема оптимистички вести околу неговото опоравување.
Многумина од Ф1 светот сега се осврнуваат на кариерата на Шумахер. И иако добар дел сметаат дека бил најдобар во историјата, по неговите седум Ф1 титули, поранешниот сопственик на Формула 1, Еди Џордан смета дека не може да биде број 1.
„Михаел имаше неверојатен талент. Но, не беше тимски возач. Еди Ирвин, Рубенс Баричело или било кој друг кога потпишуваа за тимот во кој е Михаел мораа однапред да потпишат дека ќе бидат зад Шумахер. Михаел не може да биде број еден во историјата, затоа што пред него е Аиртон Сена. Но, и пред нив двајца за мене убедливо најдобар е Алан Прост“ – вели Еди Џордан, и дополнува:
„Досега шест титули има и Луис Хамилтон, и ги има сите предуслови да биде најдобар на сите времиња затоа што го очекуваат уште многу трки“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА