Кире Лазаров не го криеше задоволството од добиената доверба од Живко Мукаетов при изборот за нов селектор на македонската репрезентација.
Тој изрази благодарност за укажаната доверба, најавувајќи дека е подготвен за големиот предизвик.
„Сакам да се заблагодарам на претседателот на РФМ и на Управниот Одбор, по што без никакво размислување го прифатив овој голем предизвик за мене. Македонија никогаш не сум ја одбил, така е и овојпат. Пред нас е голема одговорност, работи кои треба заедно да ги направиме и се надевам на една успешна и долгорочна соработка“, изјави Лазаров.
„Бомбардерот“ дополнително ќе го објави составот на стручниот штаб, заедно со списокот за квалификациските дуели со март против Данска.
„Бидејќи се уште сме во активна сезона, со претседателот Мукаетов разговаравме многу во овој период. Ме радува што имаме слични размислувања на оваа тема. Се уште размислувам околу моите помошници кои ќе бидат дел од стручниот штаб, тоа ќе го објавам следната седмица заедно со првиот список на играчи за следните квалификациски дуели“, истакна Кире Лазаров.
Воедно, тој е подготвен да продолжи со активно играње на ракомет за да помогне на оние најважни натпревари на националниот тим.
„Мојата ситуација е следна – со претседателот Мукаетов заклучивме дека јас би бил активен и како играч и во следната година како поддршка за оваа подмладена репрезентација бидејќи во тој период пред нас се големи битки во кои треба да одговориме квалитетно. Имаме стратегија според која треба да го одржиме континуитетот на големите натпреварувања. За да го одржиме тој континуитет потребна е таа моја помош и мислам дека моето присуство на натпревари кои се од непроценлива важност ќе биде неопходно“, вели новиот селектор на Македонија.
Многу веројатно е дека Лазаров ќе ја продолжи професионалната играчка кариера за уште една година.
„Се уште немам донесено одлуката и за тоа треба да имам официјално информација до крајот на овој месец, дали кариерата ќе ја продолжам уште една сезона или ќе го завршам играњето ракомет оваа година. Искрено се надевам дека ќе играм уште една година, но официјалната одлука ќе ја имам до крајот на годинава“, открива Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА