Пишува: Миодраг Мицковиќ
- Мечевите се одржаа во шатoрoт на циркусот „Прага“ 1969 година во градскиот парк во Скопје
Дали некој од нашите читатели се сеќава кога е одржан првиот боксерски турнир „Златен гонг“ и кој беше првиот победник? Тоа беше пред 52 години, поточно 1969 година кога група боксерски ентузијасти, предводени од познатиот новинар Георги Ајановски и поранешниот боксер и тренер Живко Дуковски, донесоа одлука да организираат боксерски турнир како што беа тогаш познатите во поранешна Југославија „Златна ракавица“, „Белградски победник“, „Мечот на шампионите“ што се одржуваа во Белград и на кои настапуваа познати боксери од Европа.
Не беше лесно да се организира еден таков турнир со учество на познати боксери. Беа потребни средства, во Скопје во таа далечна 1969 година немаше покриена спортска сала. Освен тоа организаторите имаа доста проблеми и многу „сопки“ со Боксерскиот сојуз на Србија, на кој сигурно не му одговараше и во Скопје да има една таква квалитетна боксерска ревија.
Но желбата да се успее кај боксерските ентузијасти во Скопје беше голема. Се растрчаа барајќи финансиска помош, се вклучи и Телевизија Скопје која прифати со извесен финансиски надомест да има директен ТВ пренос и за Југословенската телевизија, беа испратени покани до познатите боксери од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, отпечатени влезници. Скопје беше облепено со плакати, најави за турнирот, прв од ваков вид во Македонија. Турнирот, кој беше наречен „Златен гонг“, традиционално требаше да се одржува секоја година на 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, така што и Градското собрание даде финансиска помош за една, подоцна најголема спортска приредба во Македонија.
Турнирот требаше да се одржи на ракометниот стадион на„ Кале“, сите боксери ќе престојуваа во хотелот „Турист„. Почнаа да пристигнуваат и првите пријави на боксери за нивното учество, предводени од најпознатиот југословенски боксер на сите времиња Мате Парлов, потоа Светомир Белиќ, Звонко Вујин, Џакула и Мирковиќ од Црвена звезда, Вујковиќ од Војводина Бахтијаревиќ од Раднички /Ниш/, Недељковиќ /Рднички К/, Газепов од „14 Октобар “од Крушевац…на рингот во Скопје за првпат се појави тогашната елита на југословенскиот бокс.
Кога се беше готово на организациониот план за стартот на турнирот, се појавија и првите грижи, што ќе биде ако заврне дожд или снег, ако температурата падне под нулата бидејќи зимите во тоа време рано почнуваа и беа доста студени.
Погледите беа насочени кон небото, се чекаа со нетрпение известувањата од метеоролошките станици, но за среќа во последен момент се појави спасот за организаторите, шатoрoт на чехословачкиот циркус „Прага„ кој во тоа време даваше секој ден по две претстави во Градскит парк, кај зоолошката градина.
По убедливиот разговор со газдата на циркусот, тој дозволи дневната претстава на тој 13 ноември од 17 часот да биде отстапена за турнирот, но побара, што му беше удоволено да му се намали таксата за користењето на просторот во Градскиот парк. Во шатoрoт беше поставен импровизиран ринг на една бина, прекриена со цирада, еден час пред почетокот на првите борби циркусот беше исполнет до последното место, надвор имаше неколку стотици љубители на боксот кои останаа без билети, толку беше големо интересирањето за првиот „Златен гонг„ кој потоа стана традиционален и меѓународен.
Кога започнаа првите борби со директен ТВ пренос, организаторите се стаписаа, го немаше меѓу боксерите, кои дојдоа со автобус од хотелот „Турист„ Светомир Белик, еден од кандидатите за трофејот. Ајановски и Дуковски тргнаа во потрага по него, го најдоа во хотелот, како се одмара мислејќи дека турнирот е закажан за вечерен програм. Онака уште подзаспан, во тренерки, го вметнаа во „Фиќо“ за да на време стигне на неговата борба со Недељковиќ, незгодниот ривал со кој имал нерасчистени сметки на рингот.
Сепак, не беше тоа единствената главоболка за боксерските ентузијасти. На еден меч, на кој судеше Панче Леов, цирадата на рингот почна да се кине, цели парчиња паѓаа околу него, така што мораше да биде прекинат, за да со фластери, биде лепена на одделни места, проследено се смеење кај гледачите.
Но тоа не беше се. За време на борбата меѓу Белиќ и Недељковиќ, имаше се, само не бокс. Боксуваа нечисто, Белиќ доби јавна опомена, гледачите беа поделени во навивањето, судијата Панче Леов често ја прекинуваше борбата за да го раздели боксерите, гледачите изнервирани почнаа да тропаат со нозете, несигурните трибини во шаторот почнаа да се нишаат, особено кога Белиќ доби трета јавна опомена и беше дисквалификуван. Но за среќа сепак се добро заврши бидејќи ситуацијата се смири кога на рингот се појави Мате Парлов, миленикот на сите, но за жал немаше достоен противник, лесно победи.
Во најинтересната и највозбудливата борба на ревијата Звонко Вујин го победи Газепов, со едногласна одлука на судиите, и тој беше првиот освојувач на„Златен гонг“.
И на крајот на оваа боксерска приказна, уште еден куриозитет. Некој навивач, за време на турнирот му ги украл од соблекувалната кондурите на Мате Парлов. Веројатно за спомен, бидејки тешко дека ќе ги носел, беа број 46. Наредниот ден шефот на продавницата „Коштана“ Киро Вчков во магацинот успеал да пронајде кондури со толку голем број што му ги подарил на Мате Парлов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА