Адеми отпаѓа, се враќаат Барди и Велковски, Ангеловски го повикува и Аврамовски

Аријан Адеми нема да биде дел од фудбалската репрезентација на Македонија на последните два квалификациски натпревари за ЕВРО 2020 против Австрија и против Израел. Капитенот на Динамо Загреб не доби дозвола за настап поради неговата здравстена состојба, иако синоќа го одигра мечот против Шахтјор Доњецк (3-3) во Лигата на шампионите. Но, Адеми играше со блокада на мускулот и сега ќе мора да паузира. Тој се мачеше со повреда подолг период, а не можеше да настапи и на последниот меч со Полска.

Во средниот ред се враќа Енис Барди, кој ја надмина повредата и настапува за Леванте, а неодамна беше и стрелец во Ла Лига, на натпреварот против Реал Сосиедад. Одбраната ќе биде посилна за Дарко Велковски, а во офанзивната линија е повикан и фудбалерот на Вардар, Даниел Аврамовски, кој имаше забележителни игри за лидерот на табелата во македонскиот шампионат.

Селекторот Игор Ангеловски утре на прес – конференција и официјално ќе го соопшти списокот на повикани фудбалери за претстојните мечеви против Австрија и против Израел.

Се вчитува...