Ајакс го живее сонот, финалето на ЛШ е на дофат

Ајакс е на чекор до финале од соништата во Лигата на шампионите откако холандскиот вицепрвак славеше на првиот полуфинален дуел со Тотенхем, и тоа на гостински терен со 0-1. Фудбалерите на Ајакс одиграа уште еден извонреден гостински меч во нокаут фазата, по Реал Мадрид и Јувентус земајќи го скалпот и на лондонскиот премиерлигаш надвор од Амстердам.

Мечот почна токму онака како што посакуваа гостите, кои со висок пресинг не им дозволија на домашните фудбалери лесно да ја изнесат топката. Потоа, Ајакс во својата прва шанса постигна гол – во 15. минута Зијеш го проигра Ван де Бек зад одбранбената линија на Тотенхем, а одличниот играч за врска мајсторски ја смести во мрежата на Љорис. Само неколку минути подоцна двајцата има нова пресметка, но овојпат голманот на Тотенхем со крајни напори одбрани, спречувајќи уште поубедливо водство на Ајакс.

Тотенхем ја презеде контролата над средината на теренот кон крајот на првото полувреме, потоа доминираше и во голем дел од второто полувреме, но се беше попусто кога „спарси“ за 90 минути упарија само еден единствен удар во рамките на противничкиот гол. Најубавата шанса за втор гол на мечот ја имаа гостите, кога Тадиќ несебично го проигра Нерес, а Браззилецот од десет метри го погоди дирекот.

Се вчитува...