Ајде сите на распуст! Збогум за Грозданоски!

Последно коло во Првата фудбалска лига. Вардар прослави шампионска титула во Ѓорче речиси без навивачка прослава, Шкендија и Пелистер одиграа „два во кец“, а Брегалница и Работнички „7+“.

IMG_4627Вардарци во Ѓорче Петров ја прославија 11.шампионска титула, која ја освоија уште пред неколку кола, надмоќно во дуелот со најголемиот конкурент Шкендија. Денеска „црвено-црните“ одиграа реми без голови против Силекс, а капитен на тимот беше Влатко Грозданоски, кој го одигра својот последен меч во кариерата. Тој доби и пригоден подарок, урамен дрес со бројката на одиграни натпревари – 144. По неговото збогување, уште помалку се вистинските „вардарци“ во овој тим на Вардар.

IMG_4649

Шкендија го совлада Пелистер во Тетово со 3-1. Баже Илијоски во десеттата минута го постигна водечкиот погодок за „пелистерци“, но во вториот дел Шпенд Асани за три минути направи целосен пресврт и „два во кец“. Во 52. и во 54.минута, Шпенд Асани ја тресеше мрежата на Пелистер, а во 78. минута Виктор Јуфо го постигна третиот гол за Шкендија.

На Работнички очигледно не му се играше фудбал во Штип, па Брегалница на збогувањето со прволигашката конкуренција оствари убедлива победа, 6-2. Бобан Георгиев постигна хет – трик за Брегалница, Горан Здравков беше двоен стрелец, а и Славчо Велковски се запиша меѓу стрелците. Всушност, Работнички прв поведе на овој меч, со голот на Бенјамин Демир во петтата минута, а го постигна и последниот гол, преку Филип Ивановски.

Победа во минатото коло го осигура опстанокот, па сега исто така немаше мотивација. Ренова затоа лесно славеше со 0-3. Ремзифаик Селмани погоди двапати во првото полувреме, а Меџит Незири од пенал го постави конечниот резултат во 78.минута.

Шкупи и Македонија ЃП одиграа 1-1 на Чаир. Иловски ги доведе „лавовите“ во водство во 24.минута, а Кадриу израмни пред крајот на првиот дел.

И така, заврши сезоната 2016/17 во Првата фудбалска лига. Ајде сите на распуст!

ПРВА ЛИГА, РЕЗУЛТАТИ – 36.КОЛО

ВАРДАР – СИЛЕКС 0-0

ПОБЕДА – РЕНОВА 0-3

ШКЕНДИЈА – ПЕЛИСТЕР 2-1

БРЕГАЛНИЦА – РАБОТНИЧКИ 6-2

ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

Табела: Вардар 83, Шкендија 70, Работнички 54, Пелистер 52, Ренова 52, Силекс 47, Победа 41, Шкупи 37, Брегалница 24, Македонија ЃП 23.

Се вчитува...