Академија Пандев и Работнички ремизираа 1-1 во Струмица

Академија Пандев и Работнички ремизираа (1-1) во првиот натпревар од 13.коло во Првата фудбалска лига. Струмичкиот состав не успеа да слави без двајцата најдобри фудбалери, Љупчо Дориев и  Ѓорѓи Стоилов кои се повредени, а Работнички ја прекина серијата првенствени порази.

Првата сериозна шанса ја имаше Марио Крстовски во петтата минута кога излезе сам пред Шишковски, но шутираше крај дирекот. Се закани и Сашко Пандев, а на спротивната страна Себастијан Херера од слободен удар.

Академија Пандев поведе во 29.минута, кога Кристијан Стојковски реализираше по проигрувањето на Михаил Маневски од левата страна.

Во вториот дел, Работнички беше подобар ривал, имаше неколку шанси и стигна до израмнување. Во 72.минута, по слободниот удар на Херера, голманот Чубраковиќ ја одби топката, а Николче Шаркоски ја погоди мрежата на домаќинот.

Во финишот, и двете екипи имаа шанси за триумф. Во 84.минута, Работнички можеше до водство, но Чубраковиќ реагираше одлично по ударот со глава на Илиќ, а потоа и на Давид Тошевски. Три минути подоцна, Марко Рајковиќ имаше одлична шанса, а Дамјан Шишковски фантастично одбрани.

 

 

Се вчитува...