Ако не се доигра Серија А – Нема да биде прогласен шампион, ќе испаднат два клуба

Фудбалот во Италија е на стенд-бај. Претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина, вели дека не сака да ја потпише смртта на Калчото со недоигрување на сезоната, но властите притискаат кон одлука сепак Серија А да биде конечно прекината. Во таков случај, открива „Кориере дело спорт“, нема да биде прогласен шампион во Италија.

Јувентус има само еден бод предност во однос на Лацио по 26 одиграни кола, а актуелниот првак порача дека не сака титула која нема да биде освоена на теренот. Овие два клуба, заедно со Интер и со Аталанта ќе се пласираат во Лигата на шампионите, а елитниот статус ќе го загубат два клуба (наместо три), Спал и Бреша. Над нив се Џенова и Лече кои имаат идентични 25 бода и ќе останат во Серија А и следната сезона. Нема да има ниту проширување на лигата, ќе остане бројката од 20 клубови учесници.

Фудбалскиот шампионат во Италија ја чека одлуката која треба да биде донесена на 8.мај, кога и дефинитивно треба да биде позната судбината на Серија А за оваа сезона. Премиерот Џузепе Конте најави дека можеби и Италија треба да го следи примерот на Франција и да не дозволи фудбалот да донесе нов ризик за ширење на пандемијата на коронавирусот. Клубовите се противници на ваквата идеја, исто како и Фудбалската федерација на Италија, затоа што Калчото ќе загуби околу 700 милиони евра и ќе биде во тотален колапс.

 

Се вчитува...