Ал Келаифи му станува газда на Алиоски во Лидс?

Лидс важи за главен фаворит за влез во Премиер-лигата, што ќе привлече и сериозни инвеститори за клубот од „Иланд Роуд“ да се врати на старите победнички патеки и во елитното англиско фудбалско друштво. Големи се шансите дел од управата на тимот на Езгијан Алиоски да стане актуелниот прв човек на ПСЖ, Насер ал Келаифи.

Катарскиот милијардер уште пред извесно време беше поврзуван со преземање на англискиот клуб, тогаш челниците на Лидс ја отфрлија неговата понуда, но сопственикот Андреа Радрицани откри дека сега сериозно се разговара на оваа тема.

„За да се бориме за висок пласман во Премиер-лигата ќе ни треба поголема финансиска моќ, веќе ме контактираа 20 заинтересирани инвеститори, од кои јас го скратив списокот. Една од опциите ми е Катар Спортс Инвестмент, компанија предводена од Насер ал Келаифи. Тоа е компанија со која подолго време негуваме добри односи, Насер ми е пред се добар пријател, а Катарците воедно имаат моќ да го кренат Лидс на ниво да може да се носи и со Манчестер Сити“ – изјави првиот човек на Лидс во интервју за „Тајмс“.

Тимот на Алиоски моментно се наоѓа на петтото место на табелата во Чемпионшип-дивизијата, со само два бода заостанување зад водечките ВБА и Нотингем Форест.

Се вчитува...