Алексис му кажа ДА на Интер, се чека уште амин од Јунајтед

Алексис Санчез веќе во текот на утрешниот ден би можел да стане нов член на Интер откако чилеанскиот ас ја прифатил понудата на „нероаѕурите“ за да му се приклучи на поранешниот соиграч Ромелу Лукаку во тимот од „Џузепе Меаца“. Во текот на денешниот ден беа водени интензивни преговори, а откако Јунајтед го повтори ставот дека Чилеанецот не е дел од плановите на Солскјер, Алексис реши да ги прифати понудените услови од италијанскиот клуб.

Тој прифати и мало намалување на платата, но „црвените ѓаволи“ сепак ќе треба да му покријат најмалку четири милиони евра од заработувачката бидејќи Интер е подготвен да плати само пет милиони евра од платата на Алексис. Понудата на „нероаѕурите“ изнесува пет милиони евра за едногодишна позајмица, со клаузула за откуп за дополнителни 17 милиони на крајот од сезоната.

Јунајтед се надеваше на продажба на Чилеанецот, но превисоката плата што своевремено му ја даде Мурињо е причината поради која никој не испрати понуда за откуп на договорот на Алексис. Токму поради ова, за очекување е Солскјер во текот на утрешниот ден да даде зелено светло за заминувањето на најплатениот фудбалер во тимот, по што веднаш би следеле лекарските прегледи и потписот со Интер.

Се вчитува...