Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски се поизвесено се враќа повторно на европскиот фудбал, откако и официјално го заврши договорот со Ал-Ахли од Саудиска Арабија.
По освојувањето на трофејот со Ал-Ахли во АФЦ Лигата на шампионите, Алиоски сега ја завршува соработката со клубот од Саудиска Арабија.
„Мојот договор со Ал-Ахли заврши, па сега заедно со мојот агент ги разгледуваме сите опции околу продолжувањето на кариерата. Јас лично сум среќен во Саудиска Арабија, но ќе видиме која ќе биде мојата следна дестинација“, изјави 33-годишниот Алиоски во интервју за медиумите од Саудиска Арабија.
Сепак, според нашите информации сериозни се шансите за враќање на Алиоски и во Европа, посебно ако се погледнат некои понуди од Швајцарија, земјата од која фудбалски потекнува. Меѓу клубовите кои се заинтересирани за услугите на популарниот Џани е и Лугано, кој ова лето ќе игра во Лигата на Европа. Токму од Лугано, каде Алиоски мина две одлични сезони, во 2017 година реализираше трансфер во Лидс јунајтед.
Претходно во кариерата има настапи и за Јанг Бојс, Шафхаузен и Фенербахче.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА