Алкалоид ја наполни мрежата на Прилеп

Ракометарите на Алкалоид прокнижија нови бодови на суперлигашката табела откако вечерва на домашен терен го совладаа тимот на Прилеп со 37-27. Фаворитската улога беше рутински оправдана, тимот предводен  од Кире Лазаров имаа контрола над резултатот и без многу мака стигнаа до посакуваниот триумф.

Прилепчани не се предадоа, солидно парираа до 13-11, но разликата во квалитет беше на страната на Алкалоид, домаќините заминаа на одмор со 17-13, а потоа дополнително ја зголемуваа позитивата како што одминуваше времето. Првото двоцифрено водство „сино-белите“ го имаа во 52. минута кога Костески стрелаше прецизно за 32-22, предност што Алкалоид ја задржа до самиот крај на овој натпревар.

Токму Никола Костески со 10 гола од 11 обиди беше клучна фигура на овој натпревар, додека Миев и Борзаш постигнаа по четири за Алкалоид. Кај Прилеп најефикасни во денешниот пораз беа Марковски со пет и Димитриоски и Тренчевски со по четири погодоци.

Се вчитува...