Алкараз е елиминиран од Вимблдон: Синер го чека Ѓоковиќ во четвртфиналето

Јаник Синер се пласираше во четвртфиналето на Вимблдон откако со извонредна игра успеа да го елиминира Карлос Алкараз, совладувајќи го шпанското „чудо од дете“ со 3-1 во сетови. Синер беше одличен од самиот почеток, поведувајќи со 2-0 со импресивно издание во првите два сета (6-1, 6-4). Тој испушти 0-40 на самиот старт од третиот сет, по што Алкараз успеа да се консолидира. Овој сет беше одлучен во тајбрејк, во кој Шпанецот спаси две меч топки пред да намали на 2-1.

Италијанскиот тенисер сепак не дозволи целосен камбек на противникот, направи брејк во четвртиот сет и ја задржа предноста се до конечните 6-3. Синер во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од вечерашниот меч меѓу Ѓоковиќ и Ван Рајтховен.

Најнеизвесен дуел на денешната програма беше оној меѓу Гофан и Тиафое, на кој белгискиот тенисер се врати од негатива од 1-2 во сетови и славеше со 3-2, за пласман во четвртфиналето. Негов ривал таму ќе биде деветтиот носител Нори, кој денеска рутински славеше со максимални 3-0 над Американецот Пол (6-4, 7-5, 6-4).

Германката Татјана Марија продолжи со одличните настапи на женскиот дел од турнирот, елиминирајќи ја Остапенко со 2-1 во сетови. Подвигот на 34-годишната Германка е уште поголем ако се знае дека Остапенко имаше две меч топки, но Марија успеа да ги одбрани и потоа во решавачкиот сет да триумфира со 7-5. За Марија ова ќе биде прво гранслем четвртфинале во кариерата, каде Германката ќе се сретне со сонародничката Нимајер, која денеска славеше над Вотсон со убедливи 6-2, 6-4.

Се вчитува...