Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз зборуваше за своето соперништво со Јаник Синер, но се осврна и на Новак Ѓоковиќ во интервју за шпанска „Марка“.
Алкараз ја заврши сезоната на врвот на АТП листата, иако неодамна беше поразен од Јаник Синер во финалето на завршниот Мастерс во Торино. Неговата конзистентност во текот на целата година не остана незабележана, а соперништвото со Италијанецот станува сè поинтензивно. Во моментов, нема играч кој сериозно може да им се спротивстави, додека Новак Ѓоковиќ сè уште се обидува да се вклучи во тој дуел, но возраста понекогаш го диктира темпото на играта.
Во интервју за шпанскиот весник „Марка“, Алкараз истакна дека, и покрај тоа што освои шест Гренд слем титули до 22-годишна возраст, сè уште не го достигнал нивото на таканаречената „голема тројка“ – Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер.
„Сè уште не сум ни блиску до големата тројка“ – рече Алкараз, а потоа дополни околу Новак Ѓоковиќ…
„Ѓоковиќ е четврти во светот, сè уште игра, беше во полуфиналето на сите четири Грендслем турнири. Има и ниво и мотивација бидејќи неговата физичка подготвеност му овозможува да се натпреварува и да биде на максимално ниво. Вистина е дека во последните години Јаник и јас победуваме најмногу, па ова може да значи дека смената на генерациите започнала.“
Алкараз се осврна и на изјавата на Николас Мау, кој рече дека Синер е опседнат со Шпанецот.
„Мислам дека двајцата сме опседнати еден со друг. Тој изгуби неколку натпревари во последните две години, најчесто од мене. Затоа Јаник мораше да седне и да размисли зошто не успеа да ме победи повеќе. Тоа е логично и нормално. Изгубив против неколку тенисери, но размислувам и како да играм подобро против него следниот пат“ – рече Алкараз кој дополни дека поразот во Дејвис купот минатата година му бил особено тежок, а во моментов не игра поради повреда, што нема да го спречи во неговите планови за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

