Алушовски го победи Пелистер на дебито на клупата на Вардар

Стевче Алушовски имаше победничко деби на клупата на Вардар, откако „црвено-црните“ славеа на пријателскиот натпревар против Пелистер со резултат 32-28. Без тројцата голмани Гедбан, Кугис и Кизиќ, како и без Стоилов, Толедо и Атман, „црвено-црните“ сепак успеаја да го совладаат битолскиот клуб, кој ќе им биде главен ривал на домашната сцена сезонава.

Битолчани имаа предност од еден до два гола на почетокто од мечот, но избраниците на Алушовски заиграа многу подобро кон крајот на полувремето, на одмори заминувајќи со 15-12. Почетокот на вториот дел мина во апсолутна доминација на Вардар, „црвено-црните“ стигнаа и до десет гола предност (24-14), за до крајот гостите само да го ублажат поразот.

Скубе беше прв стрелец на натпреварот со девет погодоци, шест постигна Чупиќ, а четири пати мрежата на Пелистер ја затресе Криштопанс. Граџан и Јокиќ со по седум гола беа најефикасни во таборот на „пелистерци“.

„Ова беше прв натпревар за нас, и сакав да видам како ќе биде во некои делови од играта. Имавме и некои отсутни играчи и задоволен сум од тоа како играчите се поставија и како сакаат да се наметнат. Ова беше само тренинг меч кон треба да ни покаже каде сме и каде треба да внимаваме во темпирањето на формата. Сега влегуваме во една сериозна фаза од подготовките за продолжувањето на сезоната и секако тој прв натпревар со Кил во Германија и верувам дека кога ќе бидеме комплетни ќе бидеме уште подобри“, истакна Алушовски по денешниот триумф.

Се вчитува...