Алушовски: Среќни сме што сме прва екипа, освен Вардар, која го победила Металург во Скопје

Тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски не го криеше задоволството по убедливата победа (25-32), за многумина изненадувачка, на гостувањето против Металург во второто коло од Суперлигата на Македонија. Победа со која Еурофарм веќе го отвора патот како наш втор претставник во регионалната СЕХА лига следната сезона.

„Прв натпревар за нас во Суперлигата и сосема успешен. Победивме еден голем противник во битката за второто место, но со ова ништо не е завршено. Веќе в недела не очекува градска пресметка со Пелистер, па и таму мора да бидеме максимално сериозни доколку сакаме победа. Секако среќни сме затоа што Металург, со исклучок на Вардар, никој не го победил на негов терен. Се надевам дека ова ќе биде голем мотив за моите ракометари повеќе да веруваат во себе, да видат и самите дека можат многу повеќе пред се во играта во нападот“ – ни изјави Алушовски веднаш по дуелот во Автокоманда.

Еурофарм Работник го изненади Металург, а дали може да се очекува изненадување и против Вардар во Битола?

„Не би бил тренер ако кажам дека не би можеле да го изненадиме и Вардар. Затоа ракометот е убав спорт и атрактивен, поради изненадувањата. Но, да бидеме реални, Вардар е една друга димензија и не верувам дека може да имаат проблеми со било која екипа во лигата во Македонија. Тоа го покажуваат и со настапите во Лигата на шампионите. Што не значи дека Еурофарм Работник во Битола ќе го пречека Вардар однапред со бело знаменце“ – вели Алушовски.

Се вчитува...