Гостивар ја заврши потрагата по нов центар откако вечерва беше потпишан договор со Американецот Ентони Ли, кој ќе настапува за тимот на Марјан Србиновски до крајот на сезонава. Центарската позиција беше најтенка во таборот на гостиварци, а со ангажманот на Ли овој тим уште еднаш ја истакнува кандидатурата во битката за трофеи на македонската кошаркарска сцена.
Ентони Ли е висок 206 сантиметри, а во Гостивар доаѓа од таборот на грчкиот прволигаш Паниониос. Откако во 2014 година дојде во Европа настапуваше за бројни екипи ширум „Стариот континент“, во Унгарија, Австрија, Словачка, Израел, Турција, Грција, Словачка… а со денешниот потпис тој ќе се обиде да остави свој печат и во македонскиот шампионат.
Гостивар утре во дербито на колото ќе се сретне со Кожув, во обид да остане рамо до рамо со MЗТ Скопје во трката за првото место во Првата лига. Ли нема да настапи на оваа средба, но се очекува Американецот да дебитира следниот викенд, кога гостиварци ќе го пречекаат вториот тим на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА