Аморим: Кој би рекол дека Модриќ може да стане проблем?

Милан имаше негатива од 2-0 по првото полувреме против Лацио, а „росонерите“ успеаја да се вратат и да стигнат до бод (2-2) откако Рубен Аморим се реши за храбар потег – уште на полувремето да го повлече од игра Лука Модриќ.

Хрватскиот генијалец лани беше клучен играч кај Алегри, но ситуацијата овојпат е поинаква, а новиот тренер многу често го повлекува екс-фудбалерот на Реал од игра.

„Природно е да имам идеи околу тоа кои фудбалери ги сакам за одредени моменти, но тие ситуации исто така брзо можат да се променат. Кој би рекол дека Муса ќе биде наш стартер, а дека Лука Модриќ може да стане „проблем“ во овој тим на Милан. Апсолутно никој не можеше да претпостави, но последните две средби донесоа таква слика. Искрено, не верувам во концептот за „први единаесетмина“ бидејќи мое убедување е дека за освојување на трофеи ви е потребна цела група, цел играчки кадар, а не одреден број на поединци“, истакна Аморим.

Португалскиот стратег призна дека дел од проблемот со Модриќ е што неговиот тим не успева да ја задржи топката во посед за Хрватот да може да доминира како што знае и умее.

„За Модриќ да се чувствува пријатено на теренот треба да имаме долги поседи. Се сеќавам како видов седум погрешни додавања на нашите играчи без особен притисок од противниците, мечот почнува да станува хаотичен, сите трчаат напред назад без речиси никаква тактика. Тоа не е тип на игра што му одговара на Лука. Затоа, за да имаме на терен фудбалер како Лука неопходно е крај него да имаме уште некој способен да ја задржи топката… Тоа е нашата замисла и сигурно ќе ја користиме во одредени натпревари“, истакна Рубен Аморим.

Се вчитува...