АМС, федерации, клубови со последно збогум за Буштур: „Нe напушти најголемиот…“

Агенцијата за млади и спорт, бројни спортски федерации и клубови од Македонија со неверување ја дочекаа веста за трагичната смрт на македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски – Буштур. Последно збогум до Георгиевски искажаа и неговите пријатели од Фудбалската федерација на Македонија, како и КК Работнички, КК МЗТ Скопје…

„Благоја беше пример на спортист од кои голем број спортски имиња учеа од него. Легендите никогаш не умираат. Секогаш ќе бидеш во нашите мисли, во нашите срца и во нашите спомени. Беше носител на највисокото спортско признание кое го доделува Агенцијата за млади и спорт – Национално спортско признание. Последен поздрав од твојата Агенција за млади и спорт“ – е последната порака од АМС.

Буштур беше постојан гостин и во Фудбалската федерација на Македонија, будно следејќи ги и сите случувања во македонскиот фудбал.

„Невозможно е во еден текст да го опишеме неговиот придонес за македонскиот спорт. Беше визионер и градител. Легенда. Ни остануваат спомените, приказните, сеќавањата и сведоштвата за Буштур како кошаркар и како човек. Вечна слава. Почивај во мир, легендо“ – се вели во соопштението од ФФМ.

Со неизмерна тага од Георгиевски се збогуваа и КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром…

„Не напушти најголемиот … Не напушти единствениот македонски репрезентативец поранешна Југославија. Не напушти најголемиот играч на Работнички. Поголемиот дел од својата кариера ја посвети на Работнички. За Буштур Работнички беше прва и единствена љубов. Почивај во мир , легендо секогаш ќе се сеќаваме на тебе … Искрено, сите фанови и симпатизери на Раборнички“ – се вели во последната порака од КК Работнички.

„Македонската кошарка трагично остана без легендарниот Благоја Георгиевски. Најискрено сочувство до неговото семејство, пријатели и сите почитувачи на кошаркарскиот и животен опус на Буштур. Почивај во мир!“ – се збогуваат и од КК МЗТ Скопје.

Се вчитува...