АНАЛИЗА: „Лавовското срце“ на Филип Миркуловски

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Уште еден меч и уште една победа на Македонија, за сигурен пласман во следната рунда, но и најмалку два пренесени бода во Вараждин. Црногорците се покажаа како незгоден ривал, но нашите ракометари ја покажаа својата зрелост, втор меч по ред одиграа извонредно во клучните моменти и заслужено се радуваа на победата.

1. Филип Миркуловски

Мака мачеше со повредите, но откако беше очигледно дека со Прибак на среден бек не оди најдобро, Филип Миркуловски уште еднаш стисна заби за да помогне на македонската репрезентација. А помошта беше огромна, стабилност во одбраната и четири гола од четири обиди, бројни асистенции и изнудени исклучувања. Пред ЕП изјави дека за него успех би бил полуфинале, дефинитивно игра за остварување на таа цел.

2. Филип Кузмановски

Не настапи ниту минута против Словенија, но тоа му беше само мотив повеќе за блесок против Црногорците. Импресивен во нападот, постигнувајќи голови во клучни моменти, но и на висина на задачата во одбраната, „битолскиот фитиљ“ покажа што значи „експлозија“ на европската сцена. Македонија доби значаен адут за претстојните предизвици на ова Европско Првенство.

3. Филип Лазаров

Раул Гонзалес знае да го извлече максимумот од секој ракометар, доказ за тоа е настапот на Филип Лазаров на овој шампионат. Селекторот му најде улога што беспрекорно ја извршуваше и во Вардар, во ситуација со играч повеќе на теренот, а Лазаров одлично ја завршува работата, постигнувајќи ги последните голови и против Словенија и против Црна Гора. Во досегашниот дел од шампионатот Филип Лазаров има пет гола од пет обиди, покажувајќи зрелост и искуство токму во клучните моменти.

Се вчитува...