АНАЛИЗА на ДАРКО ПАНЧЕВ: Многу, многу важна победа… Имавме двојно потешка задача од Казахстанците!

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026

Почнувам со најважната работа, на која можеби обичниот гледач нема да посвети некое внимание, а тоа е дека Македонија денеска имаше двојно потешка задача на теренот, од домаќинот Казахстан. Затоа што домаќините пред два дена немаа натпревар од резултатско значење и единствено концентрирани на оваа пресметка ја очекуваа македонската селекција. Наспроти тоа, нашите момци кои одиграа фантастичо интензивен натпревар против Белгија факт е дека се истрошија и физички и психолошки, со останато само малку време од два дена за рекуперација и за фокусирање на посакувана и потребна победа на ова далечно гостување.

И, да не бидеме наивни, Казахстан е навистина солидна екипа која на домашен терен може да направи проблем буквално на секој противник. Затоа, и по дуелот против Белгија потенцирав дека тој меч, без разлика колку и да носи импресии, веднаш мора да се заборави а целата концентрација да биде на Казахстан, затоа што, гледајќи ги нивните претходни неколку натпревари, знаев дека нема воопшто да биде лесен натпревар. Затоа ова е и многу, многу важна победа. Браво момци, успеавте повторно да ни го подигнете адреналинот на сите, во позитивна смисла. Уште еднаш докажавте дека сте фудбалски зрела екипа која и во иднина ќе знае што сака и што може!

Победата во Астана е важна затоа што сум сигурен дека на овој терен и Велс ќе наиде на сериозни проблеми. А, ние одигравме навистина, иако недопадлив, тактички одличен натпревар со одлично поставена екипа. Најголемиот дел од задачата денеска ја завршија одбраната и средниот ред, иако и нападот, и оние од првото полувреме и оние кои влегоа во вториот дел, покажаа огромно залагање помагајќи на средината од теренот и максимална борба и кога беше неопходно во одбраната. На крајот на краиштата, многу е важно кога една екипа нема да создаде многу шанси на одреден натпревар, а сепак ќе постигне погодок кој ќе донесе победа. Голот беше одличен. Сите знаеме дека Александар Трајковски има извонреден шут, но овај пат реагираше навистина паметно иако знаеме дека секогаш е тешка една таква волеј-реакција, мудро пласирајќи во долниот агол. Браво, навистина мајсторски гол!

Посебно, на денешниот натпревар, мора да се нагласи одбраната. Муслиу и Зајков, со своето искуство беа одлични, а сега ете дополнети и со нов дебитант Стефан Деспотовски, како уште едно ново име на селекторот Благоја Милевски. Не треба да се нагласува повторно Столе Димитриевски кој извонредно бранеше, во неколку наврати одлично реагирајќи. Кога имате таков голман, тогаш и одбраната секогаш дејствува посигурно. Да бидеме искрени, и тие две погодени, греда и дирек на Казахстанците, не беа плод на некои нивни изработени акции, туку индивидуални потези со шутеви од далечина, кои за среќа не ни ја скратија радоста. Со тоа што, морам да напоменам, тоа сигурно и селекторот ќе им го укаже на играчите, не смее да се дозволи такви странични топки да се доделуваат по средина на терен, затоа што, како што беше и во тие случаи кога домаќините беа наблиску до голот, беа пресечени топки по наши неспретни додавања. Факт е дека немаше некоја голема креативност на средниот ред и многу создадени шанси, но средниот ред одигра тактички одличен меч силно помагајќи и на одбраната.

Затоа што, ќе завршам како што почнав. Ние денеска имавме двојно потежок натпревар од Казахстанците кои, за разлика од нас по оној супер-интензивен меч со Белгија, не пречекаа максимално одморни со силна желба за да не изненадат. Но, за среќа, се заврши согласно посакувањата за нас. Ова е многу, многу важна победа, која можеби ќе се покаже и како клучна за нас во битката за водечките две позиции. Па, уште еднаш, честитики момци, честитки за Милевски и сите негови соработници од стручниот штаб, за поставеноста на играта, за брзата рекуперација, и се надевам дека во септември ќе продолжите во ист стил. Сега момци, посакуваме за вас еден добар одмор, затоа што навистина го заслуживте тоа по една одлична репрезентативна полусезона!

Се вчитува...