Карло Анчелоти успешно го доведе Бразил до осминафиналето на СП 2026, но искусниот стратег е свесен дека вистинските предизвици допрва претстојат, почнувајќи од денешниот меч против Норвешка.
Клучна задача на сите ривали на Норвешка е да се запре Ерлинг Халанд, никој не успеа целосно во тоа на овој мундијал, но Анчелоти верува во успех на својот тим.
„Јас верувам во момците, знам дека го имаме она што е потребно за да победиме. Кој ќе го чува Халанд? Нема да биде еден играч, тоа е сигурно. Халанд е најопасен кога е во шеснаесетникот, така што ќе мораме да одиграме колективно, сите заедно да го затвориме тој простор“, прокоментира Анчелоти.
Тој во својата кариера има водено бројни суперзначајни натпревари, откривајќи дека поради тоа искуство не слуша совети од луѓето околу него.
„Во Италија постои изрека дека сите мажи сакаат да бидат фудбалски тренери, а сите жени – архитектики. Не глумам дека знам се, но не треба да бидам осудуван што стојам зад своите одлуки. Она што е сигурно, имам водено над 1.400 натпревари, се имам подготвувано за секој од нив. Имам видено се, само еден човек што го познавам има водено повеќе натпревари од мене, тоа е Сер Алекс Фергусон, над две илјади. Ако треба некој да ми даде совет, тоа е Сер Алекс, него би го послушал. Сите останати, не“, додаде трофејниот стручњак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
