Андоновски: Стартот на Пролет е одличен, ќе се обидеме да го изненадиме и Металург

Капитенот на Пролет, Ласко Андоновски, има причина за задоволство по одличниот старт на скопскиот суперлигаш и двете победи на стартот од новата сезона. Иако отпорот на Металург2 во втората рунда беше скршен потешко од очекувањата, Андоновски смета дека завршницата од петочниот дуел ќе биде добро искуство за тимот на Пролет.

„Мораме да сме задоволни од начинот на кој ја стартувавме сезоната и двете почетни победи. Против Металург2 бевме на прагот на сигурен триумф, но потоа самите си ја искомпликувавме судбината. Тоа ни е добра опомена во пресрет на наредните натпревари, на кои ќе мораме да бидеме фокусирани во текот на сите 60 минути за серијата добри игри и резултати да продолжи. Во следното коло се среќаваме со Металург, кој е фаворит на хартија, но тоа само по себе значи и дека притисокот ќе биде врз ракометарите на оваа екипа. Ние одиме натпревар по натпревар, на секој меч ќе одиме на победа, без разлика на противникот. Наше е да одиграме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже шанса да го изненадиме фаворитот и да стигнеме до нов триумф – истакнува Ласко Андоновски за официјалната веб-страница на Пролет.

Средниот бек, кој се наоѓа и на поширокиот список на македонската репрезентација, летово одби неколку интересни понуди и потпиша нов договор со Пролет.

„Ме бараа македонски клубови со европски амбиции, но моите планови за иднината се поврзани со Тинекс Пролет. Се чувствувам добро во овој клуб, тимската атмосфера е на најдобро можно ниво. Затоа и не се решив за нов предизвик, кога во Тинекс Пролет се функционира беспрекорно“ – вели Андоновски.

Се вчитува...