Изминатиов викенд, во организација на планинарскиот клуб “Македон“, се одржа второто издание на планинската (скајранинг) трка „Титов Врв Скајрејс“ на Шар Планина, кое е и Државно првенство во скајранинг за 2020 година. Ова е највисоката трка во Македонија на која натпреварувачите поаѓајќи од Попова Шапка го искачуваат Титов Врв 2747 мнв и се враќаат назад, притоа совладувајќи дистанца од 20 километри и 1900 висински метри по стрмен и каменест терен. На трката учествуваа лимитиран број натпреварувачи (вкупно 47) со цел да се запазат мерките за заштита од Ковид-19, а беа постигнати одлични резултати.
Во машка конкуренција победи Дејан Ангелоски со време 2 часа 39 минути што претставува нов рекорд на патеката, на второто место се пласира Александар Кирковски (2:42) додека трет беше Атанас Анчевски (2:52).
Кај девојките победи Елена Ртоска со нов женски рекорд кој сега изнесува 3 часа 43 минути, а зад неа на подиумот финишираа Сања Најдовски (4:01) и Ивана Пекевска (4:15).
Скајранингот е екстремна форма на планинско трчање кое се одвива на надморска височина од над 2000 метри, по исклучително стрмни и каменести терени. Овој спорт кој започнува да се развива во алпските земји пред 30 година, а денес доживува се поголема популарност во светот со аспирации да стане и олимписки спорт. Федерацијата за планинарство на Македонија е полноправен член на Светската скајранинг федерација (ISF), а минатата година македонска репрезентација за првпат настапи на европското првенство во Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА