Англичаните ја ’намачкаа’ и Шведска, и сега уште повеќе веруваат дека „фудбалот ќе се врати дома“

Фудбалската репрезентација на Англија е третиот полуфиналист на Светското првенство во Русија. Селекцијата на гордиот Албион ја совлада Шведска со 2-0 во Самара, што значи дека и Дејвид Бекам го доби облогот со Златан Ибрахимовиќ, па шведскиот ас ќе мора да се појави на „Вембли“ во англиски дрес. Англичаните својот полуфинален ривал ќе го очекуваат од вечерашната пресметка меѓу Хрватска и Русија, и веруваат дека „фудбалот може да се врати дома“. Се разбира, со пехарот од Мундијалот. Сега имаат уште само две пречки до остварување на сонот.

Англија сосема заслужено стигна до полуфиналето. Се остварија очекувањата дека тоа ќе биде цврст и неизвесен дуел со малку шанси, а избраниците на Герет Саутгејт знаеја да ги искористат. Во 30.минута, Хери Мегваер со удар со глава по корнерот од левата страна, ја доведе Англија во водство. Пред самиот истек на првиот дел, Рахим Стерлинг имаше можност и да ја зголеми предноста, но не беше најснаодлив.

Берг се закани на стартот од второто полувреме, но англискиот голман Пикфорд одбрани на фантастичен начин. Во 59.минута, Деле Али со удар со глава ја затресе мрежата на Швеѓаните, и беше јасно дека гордиот Албион е на прагот на полуфиналето. Шведска немаше сили за да возврати.

Се вчитува...