Репрезентациите на Хрватска и на Англија вечерва го затвораат последното поглавје од мундијалскиот пат до финалето и битката за титулата. Овие селекции се сосема спротивни гледaно од речисти сите аспекти. Почнувајќи од возраста, па се до вредноста на играчите на фудбалскиот пазар.
Англија која во моментов е во комплетна еуфорија дека „фудбалот ќе се врати дома“ го има вториот најмлад состав на првенството, додека Хрватите пак имаат искусен тим кој во просек е околу 30 години. Само тројца во англискиот состав имаат над 30 години, Јанг, Варди и Кејхил. Во Хрватска пак повеќе од половина играчи се над 28 години, со тоа што главната ѕвезда, Модриќ има 32, Ракитиќ има 30, Манџукиќ 32. Многу поважно од ова сепак е искуството во настапи на големите фудбалски натпреварувања.
Селекторот Златко Далиќ има на располагање дури 13 играчи кои беа дел и од претходното светско првнество, Герет Саутгејт меѓу 23-та од списокот има само петмина кои биле на претходниот мундијал, а од нив само двајца Стерлинг и Хедерсон биле стартери на поголем дел од натпреварите.
Ако Саутгејт не го менува стартниот состав, во тимот ќе има само тројца фудбалери кои биле родени кога Англија беше поразена во последниот полуфинален настап на светските првенства.
Во составот на Хрватска има дури шестмина играчи со повеќе од 50 репрезентативни настапи, кај Англија има само еден. Лидер по натпревари во репрезентативниот дрес од овој тим на Хрватска е Лука Модриќ кој 111 пати ги бранел националните бои. Кај Англија најмногу настапи од актуелниотв состав има Кејхил, 61.
Иако искуството е на страна на Хрватите, вредноста која во моментов ја имаат фудбалерите е на страна на Англичаните. Интересно е што, првата англиска ѕвезда, Хари Кејн на трансфермаркет е проценет со 150 милиони евра, што е двојно повеќе од заедничката вредност на двете најголеми ѕвезди кај Хрватска, Модриќ и Ракитиќ. Дури 100 милиони евра вреди Деле Али, блиуску до стотка е и Рахим Стрелинг, а потоа следуваат Рашфорд, Џонс и Вокер.
Најскапиот играч кај Хрватска е Ракитиќ, проценет на 50 милиони евра, потоа е Модриќ кој вреди 40 милони, а зад него е Ковачиќ кој вреди 30 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА