Англичаните воведоа построги казни за дискриминација

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) ги заостри дисциплинските мерки против дискриминацијата во пресрет на новата сезона. Според новите правила, играчите, тренерите и членовите на стручните штабови кои ќе бидат прогласени за виновни за тешки форми на дискриминаторско однесување ќе добијат минимална суспензија од десет натпревари.

Со измените на дисциплинскиот правилник, ФА ги засили санкциите за прекршоци поврзани со дискриминација врз основа на раса, етничка припадност, религија, пол, сексуална ориентација или попреченост.

Досега казните за вакви прекршоци се движеа од шест до 12 натпревари суспензија, но отсега минималната санкција ќе биде десет натпревари за секој играч или член на стручен штаб кај кого ќе биде утврдена одговорност.

Од Фудбалската асоцијација на Англија порачаа дека построгите мерки се дел од нивната долгорочна заложба за целосно искоренување на дискриминацијата од англискиот фудбал.

„Иако во последните години е постигнат значителен напредок, дискриминаторското однесување и понатаму претставува сериозен проблем во спортот. Потребни се построги мерки за да се спротивставиме на ваквите неприфатливи постапки“, соопштија од ФА.

Со новите правила, англиската фудбалска федерација испраќа јасна порака дека нема да има толеранција за каква било форма на дискриминација на терените и надвор од нив.

Се вчитува...