Англија го урна пенал-проклетството

Англија е последниот четвртфиналист на СП 2018, откако „гордиот албион“ по огромна битка дури по изведување на пенали славеше над Колумбија. Откако беа елиминирани со пенал-рулет во претходните три вакви ситуации на големите натпреварувања, Англичаните овојпат одговорија на предизвикот, го пребродија големиот шок со примениот гол во 93. минута и со прецизни удари од белата точка го скршија отпорот на незгодниот противник, за свое прво пенал-славје во мундијалската историја.

Првите 45 минути донесоа борбен, но здодевен фудбал, но затоа страстите зовреа во продолжението. Деле Али промаши одлична шанса со удар со глава на стартот од второто полувреме, а нешто подоцна Англија дојде во водство. Се играше 54. минута кога по еден корнер за Англичаните Кејн беше фаулиран, а судијата наспроти гласните протести на Колумбијците ја донесе правилната одлука покажувајќи на белата точка. Капитенот на Англија ја преззеде одговорноста и биеше прецизно, за свој шести гол на овој светски шампионат и зацврстување на врвот на листата на стрелци.

„Гордиот албион“ делуваше стабилно, Колумбија до 90. минута создаде една посериозна шанса за израмнување (Квадрадо биеше непрецизно од добра позиција), но потоа на Англичаните им се случи кошмар во судиското продолжение. Пикфорд со одлична интервенција спречи еврогол на Урибе, но англискиот голман беше немоќен половина минута подоцна, кога Мина скокна највисоко по корнерот од десната страна и со прецизен удар со глава го постигна својот трет мундијалски погодок.

Англија делуваше во шок во првото продолжение во кое Фалкао имаше убава шанса за гол, но биеше со глава крај голот. Во второто продолжение Англичаните делуваа многу поопасно, Саутгејт го внесе на теренот и Рашфорд, но иницијативата не вроди со плод, па последниот патник во четвртфиналето беше решен со пенал-рулет.

Асовите шутираа први, па прецизни беа Фалкао и Кејн, во ист стил продолжија Квадрадо и Рашфорд, за во третата серија Колумбија да стигне до предност – Оспина го одбрани ударот на Хендерсон. Возбудувањата продолжија, па Колумбија го промаши наредниот удар, Урибе ја погоди гредата, за десниот бек Трипие да израмни на 3-3 во пресрет на петтата серија. Пикфорд стана херој откако го одбрани ударот на Бака – па Ерик Дајер со прецизен удар ја одведе Англија во четвртфиналето.

Се вчитува...