Англија ќе мора да игра квалификации за ЕП 2028, и покрај тоа што е домаќин

Иако ќе биде еден од домаќините на Европското првенство во 2028 година, Англија нема автоматски обезбедено место на завршниот турнир. Според правилата на УЕФА, „Гордиот Албион“ ќе мора да ги мине квалификациите за да избори настап, што предизвика бројни реакции во фудбалската јавност.

Контроверзиите дополнително се зголемија поради споредбата со Светското првенство во 2030 година. Имено, Аргентина веќе доби директен пласман на Мундијалот, иако ќе биде домаќин само на еден натпревар како дел од прославата на 100-годишнината од првото Светско првенство.

Според британските медиуми, ваквата разлика во критериумите отвори дебата за различниот пристап на УЕФА и ФИФА кон земјите домаќини. Додека Англија, заедно со останатите организатори на ЕП 2028, нема загарантирано учество, Аргентина обезбеди место на турнирот четири години пред неговото одржување.

Главни домаќини на Светското првенство во 2030 година ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, кои автоматски се квалификувани како организатори. Покрај нив, ФИФА директен пласман им додели и на Аргентина, Уругвај и Парагвај, бидејќи овие три јужноамерикански земји ќе бидат домаќини на воведните натпревари во рамки на јубилејната прослава на стогодишнината од Светското првенство.

Одлуката продолжува да предизвикува различни реакции меѓу навивачите и фудбалските аналитичари, кои сметаат дека треба да постојат единствени критериуми за автоматска квалификација на домаќините на најголемите репрезентативни натпреварувања.

Се вчитува...