Аргентина со многу пот до осминафинале, африканскиот дебитант потклекна во продолженијата

Аргентина е претпоследниот осминафиналист на СП 2026 откако актуелните светски прваци по голема борба конечно го скршија отпорот на Зеленортските острови, елиминирајќи го дебитантот со 3-2 дури по продолженија од два пати по 15 минути. Лео Меси со гол и асистенција испиша нова фудбалска историја, еден гол и една асистенција имаше и Лисандро Мартинез, а улогата на херој му припадна на Ромеро, кој го постигна победничкиот погодок во второто продолжение од овој суперинтересен натпревар.

Oд самиот почеток стана јасно дека Аргентина нема да тргне во тотална офанзива, туку трпеливо ќе ги гради своите акции. Ова придонесе „гаучосите“ да не создадат премногу шанси, но сепак да поведат со првиот зицер, дело на Лео Меси откако најдобриот фудбалер на сите времиња одлично се снајде по додавањето на Лисандро Мартинез и го совлада Возиња.

Многумина очекуваа со ова да се скрши отпорот на африканската селекција, но се случи спротивното, африканските фудбалери свесни дека немаат што да загубат тргнаа храбро, се почесто се селеа на противничката половина и на крајот успеаја и да го израмнат резултатот во 59. минута преку Дуарте.

Аргентина тргна поофанзивно, но Возиња бранеше извонредно, одбрани зицер на Меси, потоа и слободен удар на Лео, а кога тој не можеше, одлично се снајде дефанзивецот Лопез, кој спречи сигурен гол исфрлајќи во корнер во ситуација кога Енцо Фернандес ја чекаше топката осамен крај втората статива. Последната стопроцентна шанса ја имаше Меси, од слободен удар од идеална позиција во 95. минута, но Лео не шутираше најдобро, а Возиња по ударот од еден од своите соиграчи сепак успеа да ја спречи топката да не заврши во неговата мрежа.

Aргентинците постигнаа гол на самиот почеток од продолженијата, спречувајќи дополнителна тензија во нивната. Дефанзивецот Мартинез кој асистираше при првиот гол на Меси, овојпат ја имаше улогата на стрелец, со мајсторски удар од десетина метри сместувајќи ја топката во мрежата на Возиња.

Зеленортските острови уште еднаш се вратија, овојпат левиот бек Кабрал постигна еврогол, со десна нога маестрално матирајќи го голманот Мартинез за 2-2 во 102. минута од овој натпревар.

Светските шампиони сепак одговорија на предизвикот кога беше најважно, Меси изведе корнер, а Ромеро скокна највисоко и со глава стрелаше прецизно за 3-2. Стрелецот на вториот гол Кабрал имаше уште еден одличен обид во 115. минута, но Мартинез овојпат успеа да го запре неговиот шут. Аргентинците издржаа во финишот, па иако потешко од очекувањата, сепак ја остварија мисијата – обезбедувајќи пласман во осминафиналето каде ги очекува пресметка со Египет.

Се вчитува...