Атланта ги разнесе ЛА Лејкерс – Дончиќ разочара, Никола Јовиќ „експлодираше“ за победа на Мајами (ВИДЕО)

Атланта Хокс убедливо ги победија Лос Анџелес Лејкерс со 122-102 на домашен терен во Џорџија во еден од синоќешните натпревари во НБА лигата.

Лејкерс го одиграа својот најлош натпревар во сезоната во саботата навечер, а тренерот Џеј Џеј Редик беше исклучително бесен на својата прес-конференција по натпреварот. Откако беа поразени со 122-102 од ослабените Атланта Хокс, Редик беше видливо фрустриран и не го криеше своето разочарување.

Тимот направи 13 грешки, играјќи невнимателно и без јасна идеја на теренот. Тоа го принуди Редик да експериментира со поставите, па видовме 14 минути на Макси Клебер и 18 минути на Брони Џејмс. Вистина е дека го немаше Леброн Џејмс, но Редик во никој случај не беше задоволен од реакцијата на тимот иако Лејкерс имаат скор од 7-3 и се на врвот на Западната конференција.

Лука Дончиќ беше најефикасен со 22 поени, 5 скока и 11 асистенции, а имаше и пет изгубени топки и само 7/17 од поле… Долтон Кнехт му беше друштво со 14 поени, Џејк Ларавија имаше 13, а Џаред Вандербилт одигра фантастично, со 12 поени и 18 скока!

Мухамед Гај беше најефикасен со 21 поен и по 7 скока и асистенции, а Њуел и Крејчи постигнаа по 17 поени, додека Китон Волас имаше 14, Оконгва 12, а Дајсон Даниелс – 10 поени со 8 скока и 13 асистенции…

Српскиот кошаркар Никола Јовиќ го одигра убедливо најдобриот натпревар во сезоната, во победата на Мајами над Портланд од 136-131.

По слабите изданија на почетокот од сезоната, Јовиќ овој пат блескаше и со 29 поени беше најефикасен во победничкиот тим. Шутираше 10/16 од поле, 3/7 за тројки, 6/8 од пенал. Запиша уште девет скока, шест асистенции, две украдени топки и една блокада.

Кошаркарите на Филаделфија го победија Торонто на домашен терен со резултат 130-120, со што ја прекинаа серијата од четири победи на Репторс.

Тајрис Макси беше најефикасен со 31 поен, седум асистенции и четири скока. Џоел Ембиид запиша 29 поени, шест скока и четири асистенции. На другата страна, Еј Џеј Барет имаше 22 поени и шест асистенции, Имануел Квикли постигна 22 поени, со по шест скока и асистенции, а Брендон Инграм имаше 21 поен, осум скока и пет асистенции.

Кошаркарите на Феникс беа подобри од Лос Анџелес Клиперс на гостински терен (114-103), а капитенот на српската репрезентација, Богдан Богдановиќ, не играше ниту една минута.

Девин Букер ги предводеше Санс со 21 поен, 10 скока и девет асистенции. Марк Вилијамс постигна 19 поени и имаше шест скока, додека Дилон Брукс постигна 16 поени. Кај Клиперс, Ивица Зубац беше најдобар со 21 поен, 15 скока и четири асистенции. Џон Колинс додаде 19, а Џејмс Харден додаде 13, со ист број асистенции.

НБА РЕЗУЛТАТИ:

Вашингтон Визардс – Далас Маверикс 105-111
Филаделфија 76ерс – Торонто Репторс 130-120
Атланта Хокс – Лос Анџелес Лејкерс 122-102
Кливленд Кавалирс – Чикаго Булс 128-122
Мајами Хит – Портланд Треил Блејзерс 136-131
Сан Антонио Спарс – Њу Орлеанс Пеликанс 126-119
Денвер Нагетс – Индијана Пејсерс 117-100
Лос Анџелес Клиперс – Феникс Санс 103-114

Се вчитува...