Атлетичарите револтирани: Кафеаните отворени, атлетските стадиони се уште затворени

Се поголем е револтот меѓу домашните атлетски работници поради неможноста да се вратат со тренинг на атлетските стадиони кои и натаму остануваат затворени за македонските клубови.

„Единствените два стадиони кои имаат лиценцирани атлетски патеки во Скопје и Охрид веќе пет месеци се затворени за атлетичарите. И покрај тоа што кризниот штаб пред еден месец донесе одлука дека со соодветни мерки и протоколи се дозволуваат тренинзи на отворено во индивидуалните спортови, а од неодамна и во екипните спортови и фитнес центрите сепак атлетичарите и понатаму остануват игнорирани. Иако Атлетската федерација прави напори за отварање на атлетските стадиони соодветните спортски институции остануваат глуви на барањата на атлетските клубови. Очигледно е дека овие институции се презафатени со изборната кампања која е во тек и барањата на атлетичарите не се ни на последното место од нивните активности и залагања“ – вели претседателот на АК Делта, Александар Стојановски, и дополнува:

„По одлуката стадионот во Скопје воопшто да не биде отворен, нашите атлетичари заминаа на мини подготовки во Охрид, но од таму беа избркани од атлетската патека на спортскиот центар ‘Билјанини Извори’, иако забележавме дека за ФК Охрид, АК Охрид и локалните рекреативци беше дозволен тренинг на стадионот. На кој начин ќе ги задржиме атлетичарите кога не можат да бидат исполнети ни основните услови за тренажен процес, а подоцна овие исти спортски институции ќе барат резултати и медали од меѓународни натпревари“.

Од АК Делта дополнуваат дека, со максимално почитување на протоколите, може да се одржуваат тренинзите на стадионите во земјава, но за сето тоа мора и Агенцијата за млади и спорт да достави одлука. За да не се дозволи и натамошно уништување на, и онака, скромната иднина на македонската атлетика.

 

Се вчитува...