Еден Азар беше единствениот расположен за игра во навалната линија на Белгија, премалку за да се скрши отпорот на одлично организираниот француски состав во синоќешното полуфинале. Белгискиот ас очекувано беше разочаран, упатувајќи критики за стилот на игра на противникот.
„Нормално е да сум разочаран, заслуживме многу повеќе, но Франција цело време играше исто – одбрана, одбрана и само одбрана. На крајот тоа им донесе резултат, но јас повеќе сакам да губам со оваа белгиска репрезентација отколку да победувам со оваа Франција“ – истакна Азар.
Фудбалерот на Челси се осврна на претходните одлични настапи на „црвените ѓаволи“, кои сепак беа недоволни за Белгијците да се најдат во големото финале в недела.
„Според мене, ние бевме најдобрата репрезентација на овој мундијал. Горди сме на она што го одигравме, покажавме за што сме способни. Како капитен морам да сум задоволен, особено од победата над големиот Бразил. Сакавме уште повеќе, но за жал желбите не ни се исполнија“ – прокоментира предводникот на белгискиот состав.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА