Бабиќ: Гудме игра многу брзо, но со дисциплина можеме до успех во Данска

Шефот на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, со нетрпение го очекува стартот на сезоната на својот тим. Авантурата на „пелистерци“ почнува со утрешното гостување во Данска против ГОГ Гудме, прва можност за Бабиќ да ги види на дело своите ракометари на еден официјален натпревар.

„Многу е тешко кога ќе имате фокусираност и интенизитет, мина премногу време од нашиот последен официјален натпревар. Сепак, тоа е што е, СЕХА не стартуваше како што очекувавме, во домашното првенство не игравме, а одложен беше и нашиот прв меч во Лигата на Европа. Многу е тешко да се одржи формата само преку тренинзи, но и тоа е дел од нашата тренерска работи, во отежнати околности да го извлечеме максимумот од тимот. Јас сум задоволен, играчите беа вредни, сите ние заедно направивме добар студиозен проект, ја држевме екипата под контрола, ракометарите останаа фокусирани и максимално ангажирани. Затоа, верувам дека без оглед на сите проблеми верувам дека одработевме одлични подготовки, се вклопивме како екипа. Јас како тренер секогаш инсистирам на силна одбрана, верувам дека го имаме тоа во моментов“, изјави Бабиќ.

Хрватскиот стручњак има само пофални зборови за утрешниот ривал, а како клуч за успех на Еурофарм Пелистер потенцира дека ќе мора да биде покажана максимална дисциплина во нападот.

Гудме е многу добра екипа, моментно е лидер во данското првенство, што доволно говори за квалитетите на овој состав. Најмногу го краси извонредното движење на топката, често играат „еден на еден“ и трчаат без престан 60 минути. Многу се опасни при транзицијата од одбрана во напад, она што ние треба да го сториме е да го контролираме нашиот посед на топка, да имаме трпение во офанзивата, да имаме дисциплинирани шутеви, со што потоа би имале време да се вратиме, да поставиме зона во одбраната и да го забавиме ритамот на мечот. Верувам дека во одбранбената зона ќе бидеме цврсти и на тој начин ќе им создадеме проблеми на Данците“, вели стратегот на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...