Бабиќ: Нема фаворити во ракометот во време на пандемија

Ракометарите на Еурофарм Пелистер му гостуваат на Тримо Требње во натпревар од 5. коло во новоформираната Лига на Европа. Тренерот на битолчани Жељко Бабиќ вели дека нема фаворити во натпреварувањето особено поради целата ситуација со пандемијата од коронавирусот.

„Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим. Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман“, изјави Бабиќ.

Натпреварот кој ќе се игра во Словенија е закажан за утре со почеток во 20:45 часот.

 

Се вчитува...